Водач (2/3)

(Претходен дел)

Утредента се насобра сè што имаше смелост да тргне на далечен пат. Повеќе од двесте семејства дојдоа на договореното место, а уште малку од нив останаа да го чуваат старото огниште.

Тажно е да се погледне таа маса од бедно население што го гони страшната неволја да го напушти крајот во кој се родило и во кој се гробовите на неговите предци. Лицата нивни коскести, изнемоштени, опалени од сонцето, патилата во текот на цела низа мачни години оставале трага на нив и на изразот му дале слика на беда и на горчлив очај. Но, во овој момент во нивните очи се огледуваше вистински зрак на надеж, но и на тага за родниот крај. Hа по некој старец му се истркала и солза по збрчканото лице, издишува очајно, врти со глава полн со некакво претчувство, и побргу би останал да причека уште некој ден, па да ги остави и тој коските во тие скрки, отколку да бара подобар роден крај; многу од жените гласно тажат и се простуваат со умрените што им ги оставаат гробовите; мажите се силат за да не се разнежат и самите и викаат: „Добро, сакате ли натаму да гладуваме во овој проклет крај и да живееме по овие кочини?“ А и тие самите просто би сакале целиот тој проклет крај и тие бедни куќарки да ги земат, ако се може некако, со себеси.

Врева и џагорење како во секоја маса. Вознемирени и мажите и жените, а и децата, што ги носат мајките на грбот, во крошни, писнаа да плачат; се вознемири некако дури и добитокот. Добиток малку и имаат, но сепак тука е по некоја кравичка, по некое слабичко искубано коњче со голема глава и со дебели нозе, на кое натовариле некакви веленца, торби или по две вреќи преку самарот, па се витка кутрото под товарот, но пак се држи во сила, и дури ќе за’ржи по некој пат; некои, пак, натовариле магариња; дечиштата ги влечкаат пците на синџири. Тука има, значи, разговор, викотници, пцуење, лелекање, плачење, лаење, ’ржење, па дури и едно магаре два-три пати подрипна, но водачот не проговори ни збор, како целата таа маса и врвулица воопшто да не го интересува. Вистински мудрец!

Тој само си седи со наведната глава, молчи и мисли, и само ако плукне понекогаш, тоа му е сè. Но токму поради таквото држење популарноста му нарасна толку што секој беше во состојба да скокне, што велат, за него и в оган и во вода. Меѓу многумина можеше да се чуе горе-долу ваков разговор:

— Mope, среќни сме што најдовме ваков човек, а да тргневме без него, да не даде господ, ќе пропадневме. Тоа е ум, брате! Само молчи, збор уште не проговорил! — вели еден, па погледна со стравопочит и со гордост во водачот.

— Што има да зборува? Кој зборува, тој малку мисли. Мудар човек, се разбира, па само молчи и мисли нешто! … — додаде еден друг, па и тој со стравопочит го погледна водачот.

— Па, богами, не е ни лесно да се води олку народ! И мора да мисли кога примил на себе толкава должност! — вели пак првиот.

Дојде времето за тргнување. Причекаа малку за да не му текне уште на некој да тргне со нив, но, бидејќи никој не се јави, не можеше повеќе да има двоумење.

— Ќе тргнеме ли? — го прашаа водачот.

Тој стана без зборови.

До водачот веднаш се групираа најрешителните мажи, да му се најдат во несреќен случај и да го чуваат за да не му се случи некаква опасност.

Водачот на свој начин, намуртен, со наведена глава, направи некој чекор мавтајќи достоинствено со стапот пред себеси, а масата тргна по него и викна неколку пати: „Да живее!“ Водачот направи пак неколку чекори и удри во плетот од општинската зграда. Тука, се разбира, застана тој, застана и масата. Водачот се поистави малку и потчукна два-три пати со стапот по плетот.

— Што ќе правиме? — прашаат.

Тој молчи.

— Што: што ќе правиме? Туркај го плетот; Тоа ќе правиме!

— Гледаш дека човекот дава знак со стапот што треба да се прави! — викнаа оние што беа со водачот.

— Ене ја вратата, ене ја вратата! — викаат децата и ја покажуваат вратата што остана на спротивната страна.

— Пссст, мирни, деца!

— Што е ова што се прави, да видел господ! — се крстат некои жени.

— Ни збор, тој знае што треба. Туркајте го плетот!

За час пукна плетот како и да го немало.

Поминаа.

He мрднаа ни сто чекори, а водачот западна во еден голем трнак и застана. Co мака се извлечка назад и фати со стапот да мава де десно, де лево. Сите стојат.

— Па што е сега пак? — викаат оние одназад.

— Да се пробива трнакот! — викнаа пак оние со водачот.

— Еве го патот зад трнакот! Еве го патот зад трнакот! — викаат децата, па и многу луѓе од позадината.

— Ете го патот, ете го патот! — се подбиваат гневно тие што беа со водачот. — А кој знае каде води тој, слепци ниедни? He можат сите да заповедаат. Тој знае каде е подобро и поблиску! Пробивајте го трнакот!

Се нафрлија да го пробиваат.

— Ооф! — ќе изофка по некој што ќе му се втера трн во раката, или што ќе го швркне некоја капина по лицето.

— Нема брате ништо без мака. Треба и да се помачиме, ако сакаме да успееме — одговараат на тоа најрешителните.

Го пробија со големи маки трнакот и продолжија понатаму.

Одеа така некое време и дојдоа до една ограда од колје.

— Ја кутнаа и неа, и тргнаа понатаму.

Малку поминаа тој ден, зашто требаше уште неколку помали, слични пречки да совладуваат, а со слаба храна, зашто некој зел со себеси сув леб и по нешто за со лебот, некој само леб за да си ја залаже овде-онде гладта, а некои немаа ни леб. Даде господ, беше летно време, та барем се најдуваше некаде по некоја овошка.

Првиот ден, така, поминаа малку, а сеќаваа многу умор. Големи опасности не се покажаа, a и несреќни случаи немаше. Се разбира дека при еден таков голем потфат ова мора да се смета како ситница: една жена ја швркна трн по левото око, та си врза на него влажна крпа; едно дете го удри прачка преку ноженцето, та куцка и офка; еден старец се сплетка на една капина, падна и си ја шина ногата, му ја преврзаа со толчен кромид, а тој јуначки ја трпи болката и оди понатаму смело по водачот, потпирајќи се на стапот. (Многумина, навистина, говореа дека чичкото лаже дека си ја шинал ногата, ами само така се преправа, зашто му се сака да се врати назад). Најпосле, ретко некој да нема трн во раката или да не е издраскан по лицето. Луѓето трпат јуначки, жените го проколнуваат часот кога тргнале, а децата како деца, се разбира, плачат, зашто не сфаќаат колку богато ќе се награди таа мака и таа болка.

За преголема среќа и радост на сите, на водачот не му стана ништо. Па, ако сакаме право да зборуваме, него најмногу и го чуваат, но сепак — има човекот и среќа.

На првиот конак се помолија и му заблагодарија на бога што првиот ден патуваа среќно и што на нивниот водач не му се случи никакво, па ни најмало зло. Потоа зеде збор еден од групата на најрешителните. Преку лицето му стои модрина од капина, но тој на тоа и не гледа.

— Браќа! — почна тој. — Еве, фала богу, веќе еден ден поминавме среќно. Патот не е лесен, но мораме да ги совладаме сите пречки кога знаеме дека овој мачен пат нè води кон среќата наша. Нека милостивиот бог ни го дочува водачот од секое зло, за да нè води вака успешно и понатаму…

— Утре ќе го изгубам, ако е така, и другово око! … — промрмори налутено жената.

— Оф леле, ногата! — свреска чичкото, ослободен од таа забелешка на жената.

Децата веќе постојано кенкаат и плачат, и едвај мајките ги смируваат за да се чујат зборовите на говорникот:

— Да, ќе го изгубиш и другото око — пламна говорникот — па изгуби ги и обете. He е ништо тоа една жена да си ги изгуби очите за едно вакво големо дело. Тоа е срамота! Мислиш ли ти за доброто и среќата на своите деца? Нека пропаднат половината од нас за ова дело, што дека. Големо чудо — едно око. Што ќе ти се очите, кога има кој да гледа за нас и да нè води кон среќата? Па зар ќе го напуштиме поради твоето око и нозете на чичконо овој благороден потфат?!

— Лаже чичкото! Лаже чичкото, се преправа само за да се врати! — се слушнаа гласови од сите страни.

— На кого, браќа, не му се оди — почна пак говорникот — нека се врати, а не да ни офка тука и да ги буни другите луѓе. Што се однесува до мене, јас ќе одам по овој мудар водач додека дишам.

— Сите ќе одиме, сите по него, дури имаме душа.

Водачот молчеше. Луѓето почнаа пак да му се запулуваат и да шепотат:

— Само молчи и мисли!

— Мудар човек!

— Види какво му е челоно!

— И намуртен е.

— Сериозен!

— Куражен е, се гледа по сè.

— Куражен, остави го: плет, огради, трнаци, сè ги крши. Туку така намуртен само ќе тупне со стапот и не зборува ништо, а ти после гледај што ќе правиш.

(Нареден дел)

Advertisements

Ознаке:, , , , , , , , ,

About Домановић

https://domanovic.wordpress.com/about/

Оставите одговор

Попуните детаље испод или притисните на иконицу да бисте се пријавили:

WordPress.com лого

Коментаришет користећи свој WordPress.com налог. Одјавите се / Промени )

Слика на Твитеру

Коментаришет користећи свој Twitter налог. Одјавите се / Промени )

Фејсбукова фотографија

Коментаришет користећи свој Facebook налог. Одјавите се / Промени )

Google+ photo

Коментаришет користећи свој Google+ налог. Одјавите се / Промени )

Повезивање са %s

%d bloggers like this: